Станушина - неоткриена
Македонска винска приказна

На 18.03.2022 година во М6 Едукативниот Центар, Земјоделскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, ја организираше првата научна конференција посветена на македонската автохтона винска сорта Станушина, насловена како „Станушина – неоткриена македонска винска приказна“. На настанот присуствуваа претставници од винарскиот и лозарскиот сектор, претставници од дипломатскиот кор, претставници од УКИМ, претставници од МЗШВ и други засегнати лица и организации.

Настанот го отвори проф. д-р Виктор Ѓамовски, директор на УКИМ Земјоделски институт – Скопје, а официјално обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски. Почесен гостин на настанот беше инж. агр. Станислав Кочутар, од Марибор, Република Словенија (чувар заштитник на 400 годишна словенечка винова лоза од Гинисовата книга на рекорди).

Настанот имаше за цел да ја информира јавноста за биолошката, историската и еколошката вредност на автохтоната македонска сорта Станушина, како наше национално богатство, како и да се анимира лозарскиот и винарскиот сектор за производство на грозјето и виното, за нивна поголема застапеност. Исто така, потенцирано беше и развивањето на јавни политики во насока на зачувување и развој на автохтоните сорти, кои се услов за развој на биодиверзитетот и животната средина во нашата земја.

На настанот се говореше за Станушината како автохтона македонска сорта која потекнува од Тиквешкото виногорје. Оваа сорта во минатото била основна за производство на далеку познатите црвени тиквешки вина, но со воведување на нови меѓународни сорти на грозје била загрозена нејзината егзистенција и зачувување. Токму и целта на конференцијата беше да допринесеме за нејзина поголема промоција и афирмација. Енолозите го опишаа виното од оваа сорта како автентично, со средно тело со изразена свежина, среден интензитет на боја и широк спектар на ароми кои потсетуваат на малина, дренка, вишна, калинка, јагода… Логото на етикетата на виното на Земјоделскиот институт, кое беше промовирано заедно со Станушина вината од другите винарии, има симболика на глаголицата како прво словенско писмо и словото С. „А, во виното е вистината како што е и во зборот и во мислата“ …  

Галерија од настанот