MK | EN

Одделение за винарство


Одделението за винарство во состав на Земјоделскиот испитателен институт делува под тоа име од 1944 година, односно со формирањето на Земјоделскиот институт, а под истото име делува и денес независно од организацискиот статус на Заводот за унапредување на лозарството и винарството во НРМ, како и Институтот за лозарство и винарство.

Образовна дејност
Одделението за винарство со својот наставно-научен кадар одржува предавања на вториот циклус на студии акредидирани на Земјоделскиот Институт – Скопје на студиската  програма Растителна биотехнологија, потпрограма Енологија.

Научноистражувачка дејност
Научноистражувачката дејност на Одделението за винарство со поскромни можности и резултати се занимавауште од самото формирање на Одделението. Во овој период резултатите се скромни заради малубројниот и недоволно стручен кадар.Научноистражувачката работа зеде позабележителен замав во периодот по 1952 година, со формирањето на Заводот за унапредување на лозарството и винарството на НРМ, а особено по интегративните процеси со Земјоделскиот факултет во 1977 година и по интеграцијата со Земјоделскиот институт во 1990 година. Првите истражувања биле насочени кон проучување на стопанските и технолошките карактеристики на винските сорти во одделните лозарски виногорја, потоа квалитетните карактеристики на виното од некои интродуцирани сорти винско грозје, влијанието на хербицидите врз квалитетот на виното, влијание на машинската берба на винското грозје врз квалитетот на виното, вршени се испитувања за влијанието на технологијата на преработката на грозјето врз квалитетот на виното од некои црвени вински сорти грозје, како и испитување на влијанието на разни вински садови врз квалитетот на виното, потоа испитувани се можности за производство на квалитетни и врвни вина во Република Македонија итн. Во Одделението за винарство во изминатиот период биле проучувани повеќе од 10 научноистражувачки проекти и теми. Одделението за винарство и во наредниот период планира активно да се занимава со научноистражувачка работа, дејност која според Законот за научноистражувачка дејност (Сл. Весник на РМ бр. 13/96) е од првостепено значење за Институтот.Вкупната научноистражувачка дејност на Одделението за лозарство може во целост да се најде во Библографијата, во библиотеката на Институтот и во Министерството за образование и наука.

Издавачка дејност
Издавачката дејност на Одделението за винарство се одвива на ниво на Институт заедно со другите одделенија, преку издавање на зборници, библиографии, каталози, самостојни публикации и др. Вработените кои работеле и кои работат во Одделението за винарство, како резултат на научноистражувачката работа имаат издадено повеќе од 150 научни и стручни трудови. Трудовите се печатени во Зборниците на Институтот односно на Факултетот, Социјалистичко земјоделство, Лозарство и винарство, Зборници на меѓународни симпозиуми и конгреси и други научни и стручни списанија од областа на земјоделството во Р. Македонија и надвор од неа. Во Одделението досега се изработени и успешно одбранети четири магистерски труда и четири докторски дисертации. Целокупната издавачка дејност на Одделението со библиографските единици за секој кандидат поодделно е наведено во библиографиите на Земјоделскиот институт и библиографијата на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје од 2007 година.

Апликативна дејност
Апликативната дејност на Одделението за винарство е најобемна. Одделението за винарство уште од раните седумдесетти години е овластено од страна на Сојузниот пазарен инспекторат за вршење хемиска анализа и контрола на квалитетот на виното, оцедот и другите алкохолни пијалоци наменети за извоз и издавање соодветна документација. По осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, Одделението за винарство доби овластување за вршење на истата дејност од страна на Министерството за стопанство, Министерството за трговија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. При испитувањето на квалитетот на виното и другите алкохолни пијалоци наменети за извоз се врши анализа за содржина на: алкохол, екстракт, вкупни и испарливи киселини, слободен и вкупен SO2, содржина на шеќер, боени материи, органски киселини, глицерин, пепел, алкалитет на пепелта, конзерванси, тешки метали, микотоксини и др, според методите предвидени во Правилникот за методите на анализа за утврдување на хемискиот состав на вината и според методот за употреба на рефрактометар, спрема Сл. Весник на РМ бр. 38/2006. Издадената извозна документација е подредена според датумите на извршениот извоз, според фирми на производители или извозници.

Кадар на Одделението

Д-р Горан Миланов, Вонреден професор, Раководител на Одделението

Д-р Милена Тасеска – Ѓорѓијевски, Научен соработник, Раководител на Лабораторија за вино и алкохолни пијалоци

Д-р Ана Серафимовска, Редовен професор, аналитичар

Никола Заткоски, Лаборант

Ивона Милановиќ, Техничар на приемно одделение