MK | EN

Одделение за лозарство


Одделението за лозарство во состав на Земјоделскиот испитателен институт делува под тоа име од 1944 година, односно со формирањето на Земјоделскиот институт, а под истото име делува и денес независно од организацискиот статус на Заводот за унапредување на лозарството и винарството во НРМ, како и Институтот за лозарство и винарство.

Образовна дејност
Одделението за лозарство со својот наставно-научен кадар одржува предавања на вториот циклус на студии акредидирани на Земјоделскиот Институт – Скопје на студиската  програма Растителна биотехнологија, потпрограма Енологија, како и на студиската програма Растително производство, потпрограми Интегрално производство и Органско производство.

Научноистражувачка дејност
Научноистражувачката дејност на Одделението за лозарство со задоволителни резултати се извршува уште од самото формирање на Одделението. Научноистражувачката работа зеде позабележителен замав во периодот по 1952 година, со формирањето на Заводот за унапредување на лозарството и винарството на НРМ, а особено по интегративните процеси со Земјоделскиот факултет во 1977 година и по интеграцијата со Земјоделскиот институт во 1990 година. Првите истражувања биле насочени кон проучувањето на стопанските и технолошките карактеристики на некои интродуцирани сорти винова лоза со цел подобрување на сортиментот, лозарски виногорја, воведување нови технологии во производството на лозов посадочен материјал, воведување методи за утврдување на технолошката зрелост на грозјето, посебно кај винските сорти. Одделението за лозарство работи на постојана интродукција и колекционирање на автохтоните, регионалните и интернационалните сорти и ги проучува нивните агробиолошки и стопанско-технолошки својства во различни лозарски региони. Во Одделението за лозарство во изминатиот период биле проучувани повеќе од 30 научноистражувачки проекти и теми. Одделението за лозарство и во наредниот период планира активно да се занимава со научноистражувачка работа, дејност која според Законот за научноистражувачка дејност (Сл. Весник на РМ бр. 13/08) е од првостепено значење за Институтот. Вкупната научноистражувачка дејност на Одделението за лозарство може во целост да се најде во Библографијата, во библиотеката на Институтот и во Министерството за образование и наука.

Издавачка дејност
Издавачката дејност на Одделението за лозарство се одвива на ниво на Институт заедно со другите одделенија, преку издавање на зборници, библиографии, каталози, самостојни публикации и др. Вработените кои работеле и кои работат во Одделението за лозарство, како резултат на научноистражувачката работа имаат издадено повеќе од 150 научни и стручни трудови. Трудовите се печатени во Зборниците на Институтот односно на Факултетот, Социјалистичко земјоделство, Лозарство и винарство, Зборници на меѓународни симпозиуми и конгреси и други научни и стручни списанија од областа на земјоделството во Р. Македонија и надвор од неа. Во Одделението досега се изработени и успешно одбранети четири магистерски труда и четири докторски дисертации. Целокупната издавачка дејност на Одделението со библиографските единици за секој кандидат поодделно е наведено во библиографиите на Земјоделскиот институт и библиографијата на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје од 2007 година.

Апликативна дејност
Апликативната дејност на Одделението за лозарство се состои од контрола на лозов посадочен материјал по овластување (Сл. Весник на РМ бр. 39/2006) и утврдување на потеклото и квалитетот на грозјето наменето за извоз и издавање соодветна документација. Издадената извозна документација е подредена според датуми на извршениот извоз, според фирми на производители или извозници.

Кадар на Одделението

Д-р Климе Белески, Редовен професор, Директор

Д-р Билјана Коруновска, Доцент

М-р Душко Неделковски, Асистент, Раководител на Одделението

Зем. инж. Љупчо Балулоски, Виш лаборант