MK | EN

Упатство за земање на почвена проба


Агрохемиската анализа на почвата се прави со цел одредување на потребата од хранливи елементи за растенијата, како и избор на соодветни органски и минерални ѓубрива. Од добиените податоци, може правилно да се димензионира ѓубрењето со што би се зголемил приносот и квалитетот, би се намалиле трошоците на производство и би се зачувала животната средина од непотребно загадување.

Начин на земање почвена проба: Почвената проба треба да претставува просек од површината која се анализира, а доколку истата претходно е различно искористувана и ѓубрена  треба да се подели на повеќе делови/парцели(Слика 1). Доколку е почвата униформна по својот состав, начинот на обработка, ѓубрењето и културата, една просечна проба се прави на максимална површина од 10 ha. Во секој друг случај (неизедначени почвени својства, начин на искористување и сл.), од секоја специфична парцела се прави по една просечна почвена проба од секоја длабочина. Анализата на почвата на една парцела се врши еднаш на секои 4-5 години. Периодот на земање на почвените проби е во текот на летото (по жетвата на есенските култури) или на есен (по бербата на пролетните култури). Кај овошките и виновата лоза најдобриот период за оваа цел е по бербата односно пред основната обработка на почвата. Важно е да се напомене дека времето на земање на почвените проби не треба да биде покусо од 60-90 дена од последното ѓубрење.

На резултатите од анализите најголемо влијание има начинот на земање на почвените примероци (почвените проби). Сите грешки настанати при земањето на почвените проби понатаму се одразуваат врз точноста на лабораториските анализи и планот за ѓубрење.

Слика 1. Поделба на површината при различно искористувана и ѓубрена почва

 

Потребен  прибор: ашов, сврдел, една или две кофи (во зависност од културата), кеса, етикета и молив.

Почвата се зема од 15-25 места (поединечни проби) во цик-цак облик (за површина од 10 ha) и се собира во 1 или 2 кофи (Слика 2).

Поединечните проби се земаат со сонда или ашов од длабочина 0-30cm на парцели кои се користат за поледелски и градинарски култури, односно длабочина од 0-30 и 30-60cm на парцели на кои веќе е подигнат овошен насад или винова лоза.

По земањето на последната поединечна проба, почвата во кофата се меша, ситни и се одстрануваат покрупните грутки, камења и растителни делови. Од истата кофа во кеса се зема околу 0,5-1kg почва која се транспортира до нашата лабораторија.

Покрај земената почвена проба во секоја кеса треба да стои и етикета напишана со молив на која ќе бидат напишани следните податоци: име и презиме, адреса на фармерот, катастарска општина, број на катастарска парцела, големина на површината (ha), длабочина на која е земана пробата, култура која ќе се или веќе се одгледува на површината и датум на земање на почвена проба.

Слика 2. Земање на почвена проба во цик-цак облик

 

Слика 3. Постапка за земање на почвена проба

 

Само со хемиска контрола на почвата можеме да дознаеме каква е таа навистина, па токму заради тоа, анализата на почвата, станува нужност во современото земјоделство.

Затоа, посетете не:

Лабораторија за педологија и агрохемија
УКИМ Земјоделски Институт 
Бул. 16та Македонска Бригада 3А
1000 Скопје
Република Македонија

Тел. 02 3230-910 лок. 353
Факс. 02 3114-283

Изработил: м-р Христина Попоска